Кус историјат на Центарот

Никулците на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација — Скопје се создадени уште 1952 година кога при тогашниот Завод за дефектни во Битола, преку минијатурни специјализирани единици, отпочна аудиолошката и логопедската практика во Република Северна Македонија. Како резултат на правилното и научно засновано поставување основите на овие нови научни дисциплини во нашата практика подоцна дојде до брзо осамостојување и институирање на овие единици при Заводот за рехабилитација и корекција на говорот во Битола, кој е формиран во декември 1955 година.

Закономерноста во развитокот на науката во целина, фантастичното брзо темпо во развитокот и осовременувањето на постојните системи на науки и научни дисциплини неминовно го наметна создавањето на системот на клиничката компонента. Овде во прв ред доаѓаат дефектолошките науки аудиологија, логопедија и фонопедија чиј предмет е рехабилитација на лица со растројства во говорот, слухот и гласот.

Поради тоа мораше да дојде до издвојување на клиничката и едукативната компонента во организацијата и делокругот на работа во Заводот за рехабилитација и корекција на говорот во Битола и до создавање посебна клиничка, аудиолошка рехабилитациона установа во Републиката, а Заводот да се реорганизира. Потребата е задоволена со решението од 29.04.1960 година со кое е формиран Аудиолошкиот центар на Македонија во Скопје.

Со создавањето на оваа установа беше комплетирана базата на институционалниот систем за заштита на лица со растројства во слухот во РС Македонија. Под притисок на природата и комплексноста на проблематиката, наскоро дојде до промена во називот на установата. Со дополнително решение од 23.04.1963 година установата доби назив Фонијатриско-аудиолошки центар на СР Македонија.

Во 1970 година со Законот за социјални установи на СРМ називот на установата се измени во Центар за слух, говор и глас. Десетина години подоцна оваа установа станува интегриран дел на Универзитетскиот Клинички центар во Скопје, а во 2003 година стана посебен правен субјект — ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух говор и глас. Со последните статутарни измени, во 2023 година се преименува во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација — Скопје, и сеуште опстојува и се развива, пружајќи повеќе од 20.000 услуги годишно.